Најдени два сефа на Марадона во Дубаи – никој не знае што има во нив

Два сефа и бројни скапоцености од куќата на трагично починатата аргентинска легенда Диего Армандо Марадона биле пронајдени во Дубаи и веќе се донесени во Буенос Аирес, објави мадридскиот весник „АС“, повикувајќи се на извори.

Според „АС“ во сефовите никој не знае што има, а после смртта на Марадона сето ова било пронајдено во куќа во Дубаи, каде едно време живеел Аргентинецот, кој во ноември лани почина на 60 години од срцев удар, само две недели откако излезе од болница по операцијата на хематом на главата.

Покрај сефовите, во куќата имало и многу скапоцени работи и сите тие се пренесени во Буенос Аирес, па ќе се делат на семејството, кое е бројно на Марадона.

„Никој не знае што има во сефовите. Тоа беа работи кои Диего ги чувал и само тој знаеше што има во нив. Можно е да станува збор за часовници, накит, пари..., а можеби да се и празни. Сефовите ги оставил во Дубаи и таму стојат две години“, рекол пријател близок на Аргентинецот за мадридскиот весник.

Од смртта наваму постојано се шпекулира со богатството кое го има Марадона, па се најавуваше дека изнесува 70-на милиони долари, додека други тврдеа дека нема пари, но оставил милионски долг.

Во целиот хаос и битката за неговото наследство, веќе излезе една афера дека поранешна сопруга веќе користела пари од една сметка преку картички кои ѝ ги оставил Диего и дека потрошила сериозна сума на пари.