Најава за голем хаос: ФИФА ќе ги менува правилата за ВАР пред СП 2026!

ФИФА разгледува серија нови правила поврзани со технологијата ВАР, кои би можеле да се тестираат веќе на СП во 2026 година во САД, Канада и Мексико, а кои доколку се покажат функционални, би можеле да бидат применети и во домашните лиги, меѓу кои и Премиерлигата.

Една од најконтроверзните новини е можноста ВАР да се користи за корекција на погрешно доделени корнери — ситуација која, според ФИФА, може значително да го промени текот на важни натпревари. Се предлага и воведување на ВАР-преглед при доделување на втор жолт картон, со цел да се избегнат неправедни исклучувања. Идејата веќе е ставена во процедура на разгледување од ИФАБ, а ќе биде тема на официјалниот состанок во јануари.

На актуелниот Арапски Куп во Катар се тестира уште една новина - играч кој добива медицинска помош мора да го напушти теренот две минути, освен ако фаулот врз него не резултира со жолт или црвен картон. Намерата е да се намали симулирањето повреди и тактичкото одолговлекување.

Токму ваквите ситуации беа критикувани и од тренерот на Лидс, Даниел Фарке, кој алудираше дека голманот на Манчестер Сити, Џанлуиџи Донарума, „глумел“ повреда за Пеп Гвардиола да даде дополнителни инструкции. ИФАБ разгледува и правило кое би ги укинало головите постигнати по одбиен пенал. Ако голманот го одбрани ударот, топката би се сметала за „мртва“ и играта би продолжила без повторен обид. Поддржувачите сметаат дека пеналот веќе нуди доволна предност и дека новото правило би ги спречило неправилните влетувања во шеснаесетникот.

Иако расте поддршката за реформа на правилото за офсајд и избегнување милиметарски одлуки, новата дефиниција нема да биде готова за СП 2026. Најреална иднина е офсајд да се досудува доколку кој било дел од торзото на напаѓачот е пред последниот дефанзивец, но промената бара дополнителни тестирања и најрано би можела да стапи во сила во 2027 година.

ИФАБ, составен од четирите британски сојузи (по еден глас секој) и ФИФА (четири гласа), одлучува за сите измени во правилата. За усвојување е потребно шест од осум гласа. Сите потенцијални промени што ќе бидат одобрени ќе стапат на сила на 1 јуни 2026 година – непосредно пред почетокот на најголемото Светско првенство во историјата.

ФОТО: EPA PHOTO