Најава за братска војна: УЕФА ѝ се закани на ФИФА со – бојкот на Мундијалот!

Првиот човек на Европската фудбалска федерација (УЕФА), Александер Чеферин, се закани дека европските репрезентации ќе го бојкотираат Мундијалот, ако челниците на Светската федерација (ФИФА) донесат одлука тој наместо на четири да се одржува секои две години.

Ваквата најава за братска војна доаѓа откако предводниците на светскиот фудбал ја прифатија студијата на Арсен Венгер и најавија дека размислуваат за нејзино имплементирање. Французинот предлага квалификациите да се играат во еден или евентуално два термина, а на крајот од секоја сезона да има еден голем настан – или светски или европско првенство.

„Да се игра после секоја сезона турнир во траење од еден месец е класично убиство на фудбалерите. Истовремено, ќе дојде до судир со женскиот Мундијал како и со турнирот на Олимписките игри. Вредноста на СП и на ЕП е во тоа што се игра на секои четири години, поради што навивачите со нетрпение ги очекуваат“, изјави Чеферин.

На исто мислење како Европјаните се и селекциите од Јужна Америка, кои исто така најавуваат откажување на послушноста ако УЕФА реши да го прифати предлогот на Венгер.