Мусовски откако го реши дербито во ЛА: Преубаво чувство да дадеш гол во ваков меч и да - победиш!

Новата македонска ѕвезда Даниел Мусовски (24) вчера се круниса за „крал“ на Лос Анџелес, откако неговата мајсторска реализација со лоб преку голманот, му ја отвори вратата кон триумфот на својот Лос Анџелес ФЦ против попопуларниот ЛА Галакси (2-0), постигнувајќи го петтиот гол во петтиот меч како стартер во својот клуб.

Мусовски е роден во САД, по потекло е од Македонија, а пред една недела селекторот на македонската фудбалска репрезентација објави дека после контактот со младиот напаѓач, тој прифатил да игра за македонската фудбалска селекција. И во каква форма е моментно, би бил големо засилување за нашиот национален тим.

Синоќа во дербито на ЛА, Мусовски го реши мечот, прогласен е за најдобар играч на дуелот и после триумфот посочи дека чувството е неверојатно.

„Да дадеш гол во дерби е нешто големо, а уште ако тој гол ќе донесе победа... едноставно преубаво чувство“, рече Мусовски после мечот.

Навивачите на ЛА ФЦ пред стадионот се собрале во мал број за да им дадат поддршка за да го добијат дербито, а за Мусовски сето тоа било мотивација плус.

„Многу го цениме тој потег на навивачите. Беа многумина и сето тоа е посебен момент за мене, како и за тимот кога ги видовме. Многу ни недостига нивната поддршка“, додава Мусовски.

Тој годинава дојде во ЛА од екипата на Рено1868 и брзо стана нова американска фудбалска сензација, а пофалби за него доаѓаат од сите страни, синоќа и од тренерот Боб Бредли.

„Презадоволни сме од Дени, тој има толку добри предиспозиции, посебно што одлично игра со двете нозе. Прекрасно е кога ќе се види колкав е неговиот придонес за тимот, а особено тоа што сите во тимот веруваат во него и тоа е многу важно“, потенцира Бредли.

Македонецот својата кариера ја почна во УНЛВ Ребелс, колеџ тимот преку кој пред шест години влезе во сениорскиот фудбал прво во тимот на Лас Вегас Мобстерс (13 меча – 1 гол), а од 2016 година беше дел од Барлингејм Драгонс (7 меча – 6 гола), а година дена потоа замина во Тускон (7 меча – 4 гола), по што Сан Хозе го ангажираше, но не му даде шанса. Првата сезона го прати на заем во Рено1868 во која на 17 меча даде пет гола, а Рено потоа го откупи за во втората да има 11 гола на 23 меча, како препорака во декември лани да дојде во ЛА ФЦ и сега да биде еден од клучните играчи на тимот.

За ЛА ФЦ дебитираше на 13 јули годинава против Хјустон Динамо, а сега е влезе во извонредна гол-форма со петте гола на пет меча како стартер.