Мирко Ивановски се враќа во Полска: Во преговори сум со Арка Гдиња!

Поранешниот македонски репрезентативец Мирко Ивановски имаше фантастична сезона во Хрватска, каде заврши како трет стрелец во шампионатот со 15 голови за Славен Белупо, само два помалку од „златната копачка“ Ал Хилал Судани од Динамо Загреб.

Договорот на Ивановски со Славен му заврши и тој е слободен играч, а во последно време неговото име се поврзуваше со трансфер во италијанска Џенова, хрватските Динамо и Риека, но се поизвесно е дека македонскиот голгетер ќе се врати во Полска и тоа во својот поранешен клуб – Арка Гдиња.

Информацијата дека Арка го посакува Ивановски прво ја објавил еден навивачки сајт на овој полски клуб, а потоа полските новинари успеале да стигнат до македонскиот репрезентативец кој и им ја потврдил заинтересираноста од својот бивш клуб.

Ивановски за полските медиуми веќе признал дека преговара со Арка и дека се надева на позитивен исход и враќање во својот поранешен клуб, каде играше во периодот од 2010 до 2012 година и даде осум гола со две асистенции за 47 меча во дресот на овој клуб.

„Вистина е дека Арка е заинтерсирана за мене. Моментно преговарам со овој клуб“, признал Ивановски. „Како ќе заврши? Јас се надевам добро. Би било прекрасно да се вратам во Гдиња и да играм за Арка. Се надевам дека ќе се случи. Би сакал да е тоа што е можно поскоро“, додал Ивановски.

Битолчанецот, кој фудбалската кариера ја почна во Пелистер од 2008 до 20100 година беше дел од Македонија ЃП, а потоа играше во Славија Прага (10 меча – 3 гола), Арка, Астра Џурџу (45 меча – 11 гола), Клуж (14 меча – 2 гола), Видеотон (16 меча – 2 гола), Болуспор (10 меча) и последниве две годиниво Славен Белупо (63 меча – 25 гола). За најсилната македонска репрезентација настапи на 27 меча и даде еден гол.

Најпознатиот хрватски спортски весник „Спортске Новости“ го избра Ивановски во идеалниот тим на првата хрватска лига за изминатава сезона.