Меси не се откажува од сонот: За Аргентина ќе игра додека не ја освои светската титула

Иако од поодамна се најавува дека Светското првенство во Русија ќе биде последно за најдобриот аргентински фудбалер Лионел Меси, а бродоломот на „гаучосите“ во воведните два меча веќе покажаа дека волшебникот ќе остане без најпосакуваниот пехар во кариерата, Аргентинецот очигледно се премислил.

Меси вчера го прослави 31-от роденден, а иако тој доаѓа во неверојатно лоша атмосфера и под силен притисок пред клучниот меч со Нигерија, Меси пред своите фудбалери во тренинг-кампот во Русија изјавил дека нема намера да се повлече од националниот тим се додека не ја освои светската титула.

„Мене дресот ми значи многу, затоа што посебно е чуството кога Аргентина игра на СП, а така е и со мене. Отсекогаш имав сон за да го кренам пехарот на Мундијалот и да ја доживеам таа емоција кога ќе го кренете тој пехар. Јас останувам на таа цел, постојано размислувам за тој момент. Тоа ќе ги направи пресреќни милионите Аргентинци низ светот. Затоа не можам да се откажам од тој сон. Освојувам многу важни натпреварувања, но јас сум амбициознен. Нема да се пензионирам се додека не станам светски првак“, рекол Меси.

Аргентина против Нигерија утре ќе мора да победи, а притоа Хрватска најмалку со реми да им помогне за да обезбедат осминафинале. Ако, Аргентина не стигне до финале и светската титула, тоа ќе значи дека Меси следната шанса ќе ја има на 34 години на СП во Катар, кој ќе се игра во 2022 година.