Меси до крајот на годинава ќе го облече дресот на – Бока јуниорс?

Најдобриот аргентински фудбалер Лионел Меси, кој синоќа блесна со хет-трик и два гола од слободен удар против Селта, целата своја кариера ја мина во Барселона и освен каталонскиот дрес и дресот на репрезентацијата не носел ниту еден друг. Но, постои шанса на крајот на годинава да облече барем за еден меч дрес на еден од најголемите великани во Јужна Америка и во Аргентина – Бока јуниорс.

Според аргентински медиуми, Меси би можел да заигра во дресот на Бока и тоа на култната „Бомбоњера“ во Буенос Аирес на 28 декември, во ревијален меч кој го организира легендарниот фудбалер Хуан Роман Рикелме, инаку бивша ѕвезда на Барса и долгогодишна десетка на Бока.

„Диарио Оле“ објави дека Рикелме веќе разговарал со претседателот Даниел Ангеличи за можноста да организира втор проштален меч, на кој би играле многу аргентински ѕвезди, а меѓу нив и Меси, сооглед дека на 28 декември фудбалерот на Барселона би бил на мини одмор поради божиќно-новогодишните празници и паузата во Ла Лига. Овој втор меч на Рикелме доаѓа, зашто првиот го закажал на 12 декември, но тогаш голем дел од фудбалерите што планирал да ги повика нема да може да присуствуваат, па затоа се решил и за втора ревијална средба.

Ако Меси прифати, нема сомнение дека навивачите на Бока ќе бидат во транс, а ќе се бара билет повеќе за тој дуел. Првиот аргентински фудбалски бог Диего Армандо Марадона е икона на Бока, па сега ако и Меси барем за 90 минути го носи нивниот дрес, приврзаниците на сино-жолтите ќе имаат аргумент дека само фудбалските богови го носат светиот дрес, иако во последно време се во сенка на најомразениот ривал Ривер плејт.