„Маракана“ догодина ќе биде домаќин на финалето во Копа Либертадорес

Еден од најкултните стадиони во Јужна Америка, „Маракана“ во Рио де Жанеиро ќе биде домаќин на финалето во Копа Либертадорес, јужноамериканската Лига на шампиони, во идната година, објави континенталната конфедерација КОНМЕБОЛ.

До минатата година, кога Бока јуниорс и Ривер плејт го одиграа најепското „Суперкласико“ во финалето на најпрестижното натпреварување, се играа два финални меча. Ама, после хаосот пред „Монументал“ и преселбата во Мадрид за реваншот, КОНМЕБОЛ само ја забрза одлуката да се игра едно финале. И годинава прв домаќин на таков меч ќе биде чилеанската престолнина Сантијаго, а за догодина е избрана „Маракана“, која беше реновирана и беше домаќин на финалето на СП 2014 година, како и на годинешната Копа Америка во Бразил

Финалето е закажано за 21 ноември 2020 година. Аргентинска Кордоба, пак, на стадионот „Марио Кемпес“ ќе биде домаќин на второто по ранг натпреварување, Копа Судамерикана