Марадона за неколку дена излегува од болница

Аргентинската легенда Диего Армандо Марадона за неколку дена ќе ја напушти клиниката во Буенос Аирес, откако му беше извршена операција на главата и изваден хематомот, поради кој мораше итно да биде опериран.

Неговиот личен доктор Леополдо Луке, најави дека Марадона за неколку дена ќе излезе од болница зашто е во добра општа состојба, а лекарскиот тим само прави дополнителни испитувања и се бара место каде да замине на рехабилитација, надвор од метежот и бучавата во главниот град.

„Диего сака да си оди дома уште од првиот ден, но ние засега постојано му вршиме проценка на состојбата. Ќе разговараме каде да оди после болница, но тоа што сега го знаеме е дека е во добра состојба. Најверојатно за неколку денови ќе биде отпуштен од болница“, рече Луке.

Марадона кој имаше проблеми со зависноста од кокаин во текот на животот, преживеа два инфаркти, а на Мундијалот во Русија во ВИП-ложата му се слоши, по што заврши во болница. Луке изјави дека болестите од зависност и апстиненција во текот на животот, сега побавно тече закрепнувањето по операцијата.