Марадона бара пристап во кампот на „гаучосите“ за да им – одржи лекција!

Аргентинската легенда Диего Армандо Марадона, херојот на Аргентинците од Светското првенство во Мексико во 1986 година побарал пристап во кампот на „гаучосите“ со цел да им одржи лекција на фудбалерите и да проба да ја врати атмосферата во тимот, која е нарушена по дебаклот од Хрватска со 0-3.

Марадона сакал да дојде на тренинг со цел да проба да ја „среди ситуацијата“ и да ги „залечи раните“ со што тимот повторно би бил поврзан, а не поделен и максимално мотивиран пред дуелот со Нигерија, која е последна шанса за да се спаси честа и да се обезбеди осминафинале на Мундијалот.

Аргентинските медиуми објавија деновиве дека вистинска војна се води помеѓу селекорот Хорхе Сампаоли и дел од големите ѕвезди, а сето тоа до најави Серхио Агуеро, кој како одговор на една изјава на селекторот посочи по мечот со Хрватска дека „тој може да си зборува што сака“.

Поради сето ова Марадона сакал да дојде во тренинг-капмот и да разговара со фудбалерите за да им го крене моралот пред мечот со Нигерија. На Аргентина и треба победа, но и помош од Хрватска да не загуби од Исланд за да го обезбеди второто место во групата, а со тоа и осминафинале.

„Јас играв со страст и го давав животот секојпат кога ќего облечев аргентинскиот дрес. Легенди како Симеоне, Редондо, Руџери, Каниџа, Филол, Локе, Галего го правеа истото. Сакам да разговарам со фудбалерите и да им кажам, за да сфатат, што значи да се носи националниот дрес“, вели Марадона.

Тој е во Русија за да им даде поддршка на своите сонародници, но Меси и другарите двапати го разочараа досега, прво со ремито 1-1 со Исланд, а потоа и со катастрофата против Хрватска. Инаку вчера Меси и Хавиер Маскерано имале состанок со Сампаоли и претседателот на федерацијата Калудио Тапиа со цел да се решат проблемите, по што заеднички заклучок било дека сè треба да остане настрана и да се концентрира екипата на победа со Нигерија.