ФИФА им дава втора шанса: Кулушевски и Секулов би можеле пак да заиграат за Македонија!

Светската фудбалска асоцијација (ФИФА) донесе неколку измени на правилата кои се поврзани со фудбалери и репрезентацијата за која тие настапуваат, односно се олеснуваат правилата според кои еден играч би можел да ја промени репрезентацијата.

За такво нешто фудбалерот ќе мора да исполни неколку услови, кои ги наметна ФИФА. Едно од нив е тоа дека играчот мора за време на првиот натпревар за репрезентацијата на една држава, тој да има државјанство на земјата за која планира да игра во иднина. Исто така, на последниот настап за некоја репрезентација, пред да се реши да ја промени истата, не смее да има повеќе од 21 година. Доколку настапил за селекцијата на некој А-тим и имал повеќе од 21 година, тогаш не може повеќе да ја менува репрезентацијата.

Тоа значи дека фудбалери како што е шведскиот репрезентативец со македонско потекло, Дејан Кулушевски би можел да ја промени селекцијата зашто за А-тимот на Шведска одигра три меча, но такво нешто тешко ќе се случи посебно по неговата преселба во Јувентус. Тој пред пет години настапи на неколку средби селекцијата на Македонија до 16 години, но тоа беше се од него во жолто-црвениот дрес.

Никола Секулов е уште еден фудбалер, кој би можел во иднина да се реши за македонскиот дрес, иако за него и не важи ова правило во моментов затоа што нема настап за првиот тим на Италија. И тој има настапи за младинските селекции на нашата држава, но потоа се откажа од Македонија и прифати да игра за младите категории на Италија.

Уште едно од правилата е тоа дека вкупниот број на натпревари не смее да надмине три, без разлика дали станува збор за пријателски средби или други дуели. Фудбалерот не смее ниту да биде повикан за настап на Светско или Европско првенство, додека може да настапува за време на квалификациските натпревари.

ФИФА со најновите промени сака да ги заштити младите фудбалери, кои можеби избрзале и го облекле дресот на некоја репрезентација за која никогаш повеќе не настапиле. Такво нешто му се случи на Бојан Кркиќ, кој настапи само 25 минути за Шпанија во квалификациите за Светското првенство, а потоа не доби шанса во репрезентацијата, по што не можеше да ја промени селекцијата.

Тоа не е единствен пример, нешто слично му се случи на Мунир Ал Хадади, кој настапи за Шпанија во квалификациите за Евро 2016, и тоа токму против Македонија на 8 септември 2014 година. Потоа, тој сакаше да ја промени селекцијата и да заигра за Мароко, од каде што потекнува неговиот татко, но не доби таква можност бидејќи правилата беа поинакви.