Македонија до Индија: Член на „златната младинска генерација“ ќе игра за Керала

Поранешниот фудбалер на Работнички, Вардар и Пелистер, кој беше дел и од генерацијата на „златната“ младинска репрезентација, која играше на Евро 2017,Христијан Денковски ќе игра фудбал во Индија. И тоа во клубот Гокулам Керала, објави индискиот портал „Спортскеда“.

Керала е клуб, кој не е дел од индиската Суперлига, туку игра во индиската И-лига, а како што објавија индиските меидуми, Денковски е искусно засилување пред стартот на првиот Суперкуп во оваа земја, втора по бројност на планетата. Од оваа година почнува да се игра индискиот Суперкуп, кој стартува од денеска и во кој најдобрите шест екипи од Суперлигата и од И-лигата имаат директно осминафинале, додека другите ќе мора да почнат со елиминациски мечеви од шеснаестина-финалето.

Денковски доаѓа во Индија во клуб каде тренер е Шпанецот Фернандо Андрес Сантијаго Валера, а Денковски во последно врмее беше дел од два шпански третолигаши – Депортиво Азуага и Депортиво Фериоленсе.

Тој беше дел од златната младинска селекција, која пред две години ги почна квалификациите на патот кон историскиот успех. Тогаш како член на холандски Гронинген беше повикуван, но потоа буквално се изгуби. Последен меч за младинците му беше воведната победа во Скопје со Украина (1-0) од која тргна непобедливата серија на патот кон ЕП во Полска, а тогаш беше стартер и одигра 75 минути.

Кариерата преку Цементарница и Работнички го однесе во словенечки Триглав, па Гронинген, по што шест месеци беше дел и од најтрофејниот клуб Вардар, а играше и за битолаки Пелистер.

„Азиските, па и индиските фудбалери вообичаено гледаат на Запад во потрага за подобра иднина во кариерата, но има и европски фудбалери кои избрале да го направат спротивното. Не од принуда, туку како нивни избор. Таков е случајот со Христијан Денковски од Македонија, кој има искуство од играње фудбал во Шпанија и Холандија“, пишува „Спортскеда“.