Лудо полуфинале: ВАР спречи историски пресврт на Ривер во Копа Либертадорес (ВИДЕО)

Екипата на Палмеирас е првиот финалист во Копа Либертадорес и покрај синоќешниот пораз на домашен терен во реван-дуелот против Ривер Плата (0-2), со оглед што во првиот дуел во Аргентина славеа со уште поубедливи 3-0.

Бразилците во мечот влегоа надмено и опиено поради сигурната победа во првата пресметка кај противникот, но тоа, за малку, ќе им се одмаздеше. Фудбалерите на Ривер летаа на теренот, па уште во првото полувреме поведоа со 2-0. Тие на стартот од вториот период реализираа и трет погодок, кој, сепак, беше поништен од ВАР поради наводен офсајд на почетокот од акцијата. Аргентинците нешто подоцна останаа и со играч помалку, но продолжија да напаѓаат, поради што добија и пенал, кој потоа беше поништен од судиите во ВАР-собата.

На крајот, Палмеирас успеа да ги преживее сите стресови и да се најде во големото финале, каде што ќе ги одмери силите со подобриот од пресметката помеѓу Бока Јуниорс и Сантос. Реваншот во овој двомеч се игра вечерва, а првиот меч заврши без голови.