Лудило во Аргентина - украдена папката со тактиката на Ривер за реваншот со Бока! (ФОТО)

Историскиот двомeч помеѓу Бока и Ривер предизвика колективна хистерија во Аргентина. Со денови се зборува за најголемото дерби во историјата, а земјата е парализирана поради фудбалот.

Првиот меч на Бомбоњера заврши 2-2, а конечната одлука ќе падне на реваншот на Монументал наредната сабота. Со оглед на тоа дека правилото гол на гости не важи, тензијата е уште поголема.

Се појавија еден куп сензационални вести денови, а една таква стигна и денес. На интернет почнаа да кружат фотографии на папка со логото на Ривер. Во неа има листови на кои се запишани тактичките замисли на тренерот Марсело Гаљардо за реваншот. Исто така, покрај папката за која се тврди дека е највредното оружје на Гаљардо, на фотографиите се гледа и пасошот на тренерот на Ривер, како и некои документи поврзани со ФС на Аргентина.

Секако, во Аргентина се крена голема прашина. Гаљардо не сакаше да коментира, луѓето нагаѓаат и шпекулираат, но многумина веруваат дека тренерот на Ривер е навистина ограбен од страна на некој шпион на Бока. Се шпекулира дека документите се украдени од автомобилот на Гаљардо.

Најголемото дерби на светот в сабот ќе го дочека своето најсјајно поглавје. Победниците ќе станат вистински божества, а срамот кај поразените ќе биде вечен...