Лекарска комисија на 8 март ќе открие дали Диего Марадона бил убиен

Дали аргентинската фудбалска легенда Диего Армандо Марадона, кој почина пред крајот на ноември од срцев удар е убиен од небрежност или не, ќе биде познато на 8 март, откако јавниот обвинител во Аргентина закажа состанок на лекарска стручна комисија.

Како што објавија аргентинските медиуми, лекарската комисија која е составена од девет члена, меѓу кои и судски патолози кои ја извршија обдукцијата, како и експерти од различни лекарски дисциплини, треба да донесат одлука врз база на сите прибрани докази, дали лекарите кои го лечеа Марадона во изминатиот период до смртта треба да сносат одговорност или не.

Многу брзо по смртта на фудбалскиот Бог, главниот лекар Леополд Луке, како и психијатарот Агустина Косачов, како и лекарски персонал беа посочени дека поради негрижа практично го убиле Марадона и дека се направени низа пропусти во лечењето на легендата посебно откако му била извршена операција на хематом на главата, а потоа во рехабилитацискиот процес не биле испочитувани сите протоколи за лекување.

Ставот на лекарската комисија практично ќе го затвори случајот, по што јавниот обвинител ќе треба да реши каква понатамошна постапка ќе следи и дали ќе има обвинителни акти за убиство од небрежност кон осомничените лица.

Инаку до донесување на одлуката, задутре ќе бидат сослушани координаторот на лекарските техничари и координаторот за домашни посети, кои треба да дадат одговори околу пост-оперативното лекување на Марадона.