Крос: Некои луѓе во Германија посакуваа да испаднеме!

Германија со многу мака преживеа во групата на Светското првенство во Русија, откако златното момче Тони Крос со мајсторски гол во 95-та минута погоди за триумф со 2-1 против Шведска, со што светскиот првак остана во игра за осминафиналето на Мундијалот.

Но, ако сите мислат дека Германија е воодушевена од новата победа, според Крос во неговата земја има и такви што едвај чекаа пораз и елиминација од СП. Тој призна дека оваа селекција тешко се носи со огромниот притисок кој го наметнува фактот дека се светски прваци и дека треба да ја одбранат титулата.

„Примивме гол, но кога имате 400 додавања заслужувате да победите. Бевме подобри на теренот и заслужено се радувавме, без оглед што беше многу, многу тешко. Но, нас многу, баш премногу не критикуваа сите, а понекогаш ми се чини дека во Германија очигледно имаше луѓе кои сакаа да испаднеме. Не е лесно да играте вакви мечеви, особено по таков еден голем притисок“, рече херојот на Германија, членот на генерацијата која го освои СП 2014 и кј има три европски титули по ред со Реал Мадрид.