Копа Америка ќе се игра по друг формат – извлечени групите за првенството 2020

Јужноамериканското првенство Копа Америка нема повеќе да се игра во досега познатиот систем со 12 екипи поделени во три групи по четири, туку новиот шампионат во идната година кој ќе се одржи во Аргентина и Колумбија ќе има две групи со по шест тима и многу повеќе мечеви за селекциите.

За претстојното првенство на кое учествуваат десетте јужноамерикански земји плус две на повик (Австралија и Катар) се поделени во две зони – јужна и северна, т.е. две групи со по шест селекции. И денеска беше извршена ждрепката за турнирот кој стартува во исто време како и Евро 2020 – на 12 јуни во Буенос Аирес, а ќе заврши на 12 јули во Баранкилја.

Во А-групата ќе играат Аргентина, Австралија, Боливија, Уругвај, Чиле и Парагвај, додека во Б-групата се најдоа Колумбија, Бразил, Катар, Венецуела, Еквадор и Перу.

Првите четири селекции ќе одат во четвртфиналето и ќе вкрстуваат меѓусебе, а потоа преку оваа елиминациска рунда, полуфиналето и финалето ќе се добие новиот првак. Годинава Бразил се закити со континенталната круна на првенството кое го организираше.