„Кога играат Реал и Барса, пуштам друг канал и гледам голф“

Карлос Тевез секогаш е посебен, а и во интервјуто за аргентински медиум го потврди тоа.

„Ништо, не гледам фудбал. Ако играат Барселона и Реал Мадрид, а друг канал има голф, гледам голф. Никогаш не сум бил фудбалски фанатик, сакам да играм и да ја имам топката во моите нозе, но пред телевија ретко седам“, вели Тевез.

Секој си има право да избере што сака да гледа. Но, Тевез не бега од сериозните теми. Потсетувајќи се на тешкото, но и среќно детство во крајот Фуерте Апаче во Буенос Аирес, каде што дрогата, оружјето и криминалот биле секојдневие, аргентинскиот напаѓач не може, а да не ги прокоментира условите во кои денеска растат неговите сонародници.

„Трошиме време на препукувања, а не правиме ништо за децата кои гладуваат. Јас сум фудбалер, пример за многу, и како таков не можам да носам политички етикети. Сакам да помагам, ништо не добивам од тоа ако критикувам и зборам дека земјата е во лоша состојба. Сите го знаеме тоа, ајде да направиме нешто подобро“, вели Тевез.