Катар догодина очекува 1,2 милиони навивачи за Мундијалот

Богатиот Катар, кој има 2,75 милиони жители и ќе биде прва земја од арапскиот свет што ќе организира едно Светско првенство, објави дека очекува догодина огромен наплив на странски навивачи и тоа од 1,2 милиони за време на најголемиот фудбалски фестивал.

Светското првенство во Катар ќе се одржи од 21 ноември до 18 декември и ќе биде прво СП кое ќе се игра во зимски месеци, најмногу и поради горештините во оваа земја од Средниот Исток, а домаќинот веќе изгради стадиони со неверојатна климатизација на која фудбалерите и гледачите ќе имаат идеални услови за игра од 26 степени целзиусови.

Затоа што очекуваат над еден милион туристи, Катар веќе објави дека навивачите не само што ќе имаат шанса да уживаат во фудбалската еуфорија, туку и да искусат необично сместување, па освен традиционалните сместувачки капацитети во хотели или приватни апартмани, домаќините подготвива сместувања и на крузери, ама и во „навивачки села“ изградени во пустината.

„Ние сме гостољубиви луѓе и тоа ќе го покажеме на Светското првенство. Се надеваме дека ќе има над 1,2 милиони туристи, луѓе кои го сакаат фудбалот, кои сакаат да ја доживеат фудбалската еуфорија, ама не само тоа, туку и еден необичен турнир со необични доживувања. Турнирот трае 28 дена, нема целата бројка на навивачи да биде постојано, но севкупно очекуваме толку да бидат во тој скоро еден месец од фудбалскиот турнир“, рекла Фатма Ал Нуаими, првиот човек на прес-службата на организацискиот комитет.

Идниот месец привршуваат мундијалските квалификации, а комплетирањето на 32-та учесници ќе биде во март со доигрувањата, по што на 31 март догодина во Доха ќе биде одржана жрепката за турнирот.