Каква фудбалска грозница: Исланд го гледале 99,6 отсто од жителите на оваа земја!

Дека Исланд живее за фудбалот во последно време одамна е јасно, кога преку 30 илјади Исланѓани заминуваат на гостувања на големите турнири во последните две години (Евро 2016 и СП 2018), но кога ќе се види дека речиси секој жител на оваа скандинавска земја го гледала мечот со Аргентина, јасно е дека во земјата на „рибарите“ владее вистинска фудбалска грозница.

Исланд дебитираше на големите турнири пред две години на ЕП во Франција, а сега дебитира на Мундијалот во Русија и веќе го освои првиот бод, со ремито против Аргентина (1-1). И токму тој меч го гледале 99,6 отсто од жителите на оваа земја, која се запиша во историјата на Светските првенства како најмала држава по број на жители, која воопшто играла на еден Мундијал.

Податокот за колку луѓе го гледале мечот ја споделил Фудбалскиот сојуз на Исланд на својот твитер-профил, а интересно, одговорил стрелецот на единствениот гол на тој меч и прв мундијалски за „скандинавците“, Алфред Финбогасон, кој посочил дека останатите 0,4 отсто се тие што – го играле мечот.

Следен меч на Исланд е дуелот со Нигерија в петок, додека последниот е на 26 јуни со Хрватска, по што ќе се знае дали Исланѓаните ќе се вратат дома или ќе продолжат да играат на СП во Русија.