Јужна Америка доби донација од Кина од 50.000 вакцини за фудбалска имунизација!

Јужноамериканската фудбалска конфедерација КОНМЕБОЛ доби донација од 50.000 вакцини од кинеската Синовак со цел да се спроведе фудбалска имунизација во следниот период во десетте земји кои се членки на најфудбалскиот континент.

Јужна Америка е посебно жариште поради Бразил, чиј бразилски сој се посочува дека е најопасен, а во моментов во земјата на самбата и фудбалот владее вистински пекол од коронавирусот и новата мутација, по што бројките се ужасни, како кај заразените, така и кај починатите. Летово на програмата е Копа Америка, континенталното првенство, а КОНМЕБОЛ за да осигура безбедно одржување, како и продолжението на Копа Либертадорес, сега ќе ги подели вакцините со цел најважните чинители да бидат имунизирани.

Планот е да се поделат вакцините по националните федерации, а тие да спроведат вакцинација на своите вработени и на фудбалерите од елитните дивизии, за практично фудбалерите и стручните штабови да бидат безбедни кога ќе ги извршуваат обврските, посебно во меѓународните мечеви.

„Ова е доказ дека фудбалот е многу важен сектор како за економијата, така и за менталното здравје на јужноамериканците“, рече првиот човек на КОНМЕБОЛ, Алехандро Домингес.

Во Бразил веќе клубови почнаа да нарачуваат вакцини за имунизација и на своите навивачи, а во меѓувреме Бразилцит ене може да ги добројат заразените и починатите на дневно ниво, Аргентина до достигна најголемиот пик од појавата на вирусот, а Боливија ги затвори границите поради ширењето на ковид-19, додека Чиле ги одложи претседателските избори.

Пред една недела „Кориере дело Спорт“ најави дека УЕФА планира да ви вакцинира 24-те селекции за Евро 2021 вклучувајќи ја и Македонија, но засега нема најави дали европската централа ќе побара или веќе побарала дози за вакцинирање од некоја од компаниите, за слично на Јужна Америка преку националните федерации да ги подели и да се имунизира за почеток барем елитниот фудбал.