Јапонска легенда со 52 години и сезонава ќе им биде ривал на браќата Бабунски!

Казујоши Миура на 26 февруари ќе наполни 52 години, но тоа што влезе во шестата деценија од животот, не му смета да игра професионално фудбал, па го продолжи договорот со Јокохама, актуелниот второлигаш во кој игра од 2005 година.

„Кралот Казу“ е прекарот на 52-годишниот Миура кој е најстариот професионален фудбалер во моментов. И годините не му се проблем, а интересно неговиот почеток е уште од 80-те години на минатиот век и тоа во еден од најславните клубови во најфудбалската земја Бразил – Сантош. Миура е фудбалер кој играше со Гери Линекер и Зико, игра во јапонската Џеј-лига од нејзиното формирање во 1993 и ако Линекер и Зико веќе се во длабока пензија, кариерата на јапонската легенда сè уште трае. Инаку е вториот најдобар стрелец во историјата на јапонската репрезентација.

Миура и годинава ќе има шанса да се соочи со двајцата македонски интернационалци – браќата Дабунски. Постариот Давид е дел од Омија, а помладиот Доријан на Мачида. И двајцата лани немаа среќа да се соочат со „стерецот“, зашто тој остана на клупата за резерви, но годинава може ќе им се посреќи да одиграат некоја минута со човекот кој е жива легенда на далечниот Исток.

Очекувано Миура не е стартер. Во минатата сезона одигра девет меча, секогаш влекува од клупата за резерви и се забавува. Сега го потпиша новиот договор и нема намера да престане со фудбалот.

„Секогаш играв и ќе играм со полно срце. Јас се надевам дека ќе се развивам и понатаму како играч“, вели Миура, што е доказ дека не планира да запре со фудбалот.

Инаку осве што е најстар професионалец, тој е и најстар стрелец на еден меч, уривајќи го рекордот на Стенли Метјуз. Англичанецот го држеше рекордот со 50 години и пет дена (1965 година), а во 2017 година Миура го сруши 52 години стариот рекорд со гол на 50 години и 14 дена.

Инаку јапонската легенда покрај за Сантош играше во Бразил и за Палмеираш и Коритиба, беше дел од италијанска Џенова, загрепски Динамо. Со Јапонија напиша историја за пласман на првиот Мундијал во 1998, а иако даде 14 гола во квалификациите не беше земен во Франција. Последниот репрезентативен меч го одигра на почетокот на новиот милениум и замина во репрезентативна пензија со импресивни 55 гола на 89 меча. Само Куншиге Камамото со 75 гола е подобар стрелец од него. Во 1993 беше избран за најдобар фудбалер на Азија.