Историска победа за Англија - за едно полувреме урна рекорд стар 52 години!

Англија ја декласираше Панама со неверојатни 6-1 во вториот натпревар од групната фаза на Светското првенство во Русија и така се пласираше во осминафиналето.

Англија жестоко го почна натпреварот со гол уште во осмата минута на Џон Стоунс со глава, а Хари Кејн 14 минути подоцна зголеми на 2-0 од пенал.

Притисокот продолжи и понатаму од страна на Англичаните, а Џеси Лингард со маестрален удар постигна гол за 3-0. Четири минути подоцна, Стоунс, повторно, со глава стрелаше за 4-0. Пред самиот финиш на првото полувреме, Кејн погоди уште еднаш од пенал за 5-0.

Во вториот дел Англичаните малку се смирија и не ги притискаа многу своите противници, а во 62. минута Рубен Лофтус-Чик шутираше, а топката се одби од Кејн и влезе во мрежата на Панама за 6-0.

Сепак, Панама успеа да постигне и почесен гол преку Фелипе Белој во 78. минута за конечни 6-1.

Англија на натпреварот успеа да урне неколку рекорди, а еден од нив е стар 52 години. Англија никогаш нема постигнато пет гола на натпревар на Светското првенство, а денеска тоа успеа да го направи за само едно полувреме. Најмногу голови претходно има постигнато во 1966. година во финалето (4-2).

Од друга страна, Кејн е третиот фудбалер за Англија, кој постигнал хет-трик на Светско првенство. Претходно тоа го направи Гери Линекер во 1986. година против Полска и Џеф Херст во 1966. година против Западна Германија.