Инфантино на маки: УЕФА не прифаќа реформи со светска Лига на нации и мега клупско СП!

Актуелниот претседател на Светската фудбалска организација (ФИФА), Џани Инфантино, кој ќе добие втор мандат во јуни годинава во Париз како единствен кандидат за местото прв човек на светскиот фудбал, уште отсега се наоѓа на маки зашто европската фудбалска унија (УЕФА) не му ги прифаќа предлозите за реформи во фудбалот со воведување на светска Лига на нации и мега клуспко Светско првенство со 24 екипи.

Одамна како проект Инфантино ги има двете натпреварувања, кои треба да ги заменат Купот на конфедерации и актуелниот клупски Мундијал, а проектот треба на ФИФА да и донесе 25 милијарди долари и да бидат откупени од џиновски конзорциум предводен од јапонски „Софт груп“. Но, УЕФА тоа што јавно негодуваше во изминатата година, сега цврсто го потврди по својот состанок на стратегискиот совет на европската централа.

„УЕФА, ЕКА (клупската асоцијација -н.з.) и европските лиги едногласно застанаа зад ставот дека предлозите се неприфатливи во овој облик. Недвосмислен е нашиот став дека потенцијалните нови натпреварувања може да се направат само низ договор во договрена рамка на календарот за натпреварување и тоа по 2024 година. Плус, сите спортски и комерцијални работи треба да се разговараат отворено и претходно да бидат целосно обединети пред фудбалските чинители“, се вели во ставот на УЕФА.

Инфантино беше еден од заштитните ликови на УЕФА, пред да седне на фотелјата во ФИФА како наследник на Сеп Блатер, но во последно време е во фокусот поради форсирањето на овие две натпреварувања, но и со поврзаноста за финансиски малверзации во последниот период по протекување на документи кои хакери успеале да ги добијат.

Сега Инфантино ќе се најде во теснец, затоа што планираните две натпреварувања и џиновските 25 милијарди долари за 12 години и тоа како ќе ја обезбедеа стабилноста на ФИФА, па сега ќе мора да изнајде начин за одржливост на светскиот фудбал, откако со ФИФА форвард програмата за помош на членките сериозно го оптоварува буџетот на светската организација.