Инфантино буцкаше жестоко да се казнат суперлигашите, па сега ретерира – било непромислено!?

Првиот човек на светскиот фудбал, Џани Инфантино, претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА) и сам очигледно не знае што сака и што зборува, па пред две недели на Конгресот на УЕФА во Монтро, ги буцкаше сите и јавно најави дека жестоко ќе бидат казнети суперлигашките одметници, а сега во интервју за „Л'Екип' ретерира – тоа не е најдобро решение.

Идејата за Суперлигата од нејзиното формирање со 12-те најбогати клубови издржа само 48 часа, откако англиските премиерлигаши се повлекоа, а останаа само четири клуба кои сѐ уште јавно не објавиле дека се откажуваат од таа идеја. И кога излезе проектот за „лига на богаташите“, ФИФА беше блага во првата реакција, ама потоа во Монтро на Конгресот, Инфантино жестоко се закани со санкции тврдејќи дека „клубовите не може да играат своја лига, а истовремено да бидат дел и од целото фудбалско семејство“.

Но, што се случи во следниве две недели е нејасно, но повторно на површина излегуваат обвинувањата дека Швајцарецот е двоен играч, кој претходно знаел за создавањето на Суперлигата, па дури и дека дал амин, зашто најдобрите клубови така ќе ги осигурал да бидат дел од неговиот проект за вистинско Светско клупско првенство со 24 екипи.

„Премногу несовесно е да се истакнува дека треба да се казнат клубовите. На луѓето им изгледа тоа популарно, би рекол и популистички, ама за такво нешто мора да се биде многу внимателен. Кога еден клуб ќе го казните, со тоа ги казнувате играчите, ги казнувате навивачите, тренерите, кои немаат никаква поврзаност со сето тоа“, вели Инфантино.

Неговите зборови доаѓаат многу брзо откако спортската мрежа „ЕСПН“ најави дека УЕФА сериозно размислува да ги суспендира клубовите од одметничкото друштво и тоа четирите тима кои официјално не се повлекоа од идејата (Реал, Барса, Јуве и Милан) со двегодишна суспензија од ЛШ, додека останатите осум со нешто поблаги казнени мерки.

„Планот за Суперлигата е неприфатлив и незамислив, но санкциите во прв ред би требало да дојдат од националните федерации, а потоа од УЕФА и ФИФА. Јас сум повеќе за дијалог, дури и кога станува збор за најделикатните прашања. Ние мора добро да ги согледаме сите аспекти“, додава Инфантино.