Ибрахимовиќ: Ако си заминам, никој нема да знае што е тоа МЛС

Сезоната во МЛС-лигата заврши за Златан Ибрахимовиќ, откако неговиот тим Лос Анџелс галакси загуби со 5-3 од Лос Анџелс ФЦ во полуфиналето на Западната конференција во МЛС Купот. 

Со тоа завршува и договорот на Швеѓанецот со американскиот клуб, па сега останува нејасно дали голгетерот ќе одлучи да продолжи во САД или ќе се врати во Европа од каде има доста понуди посебно од Италија.

Ибрахимовиќ во свој стил даде изјава за медиумите откако беше запрашан за својата иднина.

„Ако останам тоа сигурно ќе биде многу добро за МЛС-лигата, бидејќи цел свет гледа поради мене. Ако не останам тогаш никој нема да се сеќава што е тоа МЛС“, изјави Ибрахимовиќ.

Во изминативе две сезони во МЛС, Ибрахимовиќ одигра 58 натпревари, постигна 53 голови и забележа 15 асистенции.