Голманот кој ѝ подари победа на Хрватска откри каков пекол со смртни закани преживеал

Голманот на лондонски Челси, Вили Кабалеро беше најомразената личност во родната Аргентина пред две години, откако направи невиден кикс на пресметката со Хрватска и на Анте Ребиќ му подари гол во 53-та минута, меч кој се покажа на крај како судбоносен за елиминацијата на „гаучосите“, ама и за историското сребро на „коцкестите“.

Кабалеро направи кикс по кој Аргентина практично се загуби на мечот, па на крајот доживеа и дебакл. Хрватска го освои првото место, отиде во „полесниот“ костур на Мундијалот, а Аргентина налета на идниот светски првак и испадна. Ваквите грешки во Јужна Америка се не се простуваат, а темпераментните Аргентинци отидоа дотаму дури и – смртно да му се закануваат.

Кабалеро сега откри со каков страв живеел во тој период во Русија, после киксот што Аргентина ја чинеше катастрофа, ама и подоцнежна елиминација. Иако, за лошиот настап не беше само тој крив, но...

„Сите мислеа дека сакав да го префрлам Ребиќ, но немав таква намера. Сакав само да додадам со Салвио, ама ја поткачив тревата и згрешив. Следниот дел ми беше пеколен. Одеднаш сите го дознаа мојот број. Пораки добивав постојано. Не престануваа да стигнуваат и меѓу нив имаше еден куп – смртни закани“, вели Кабалеро.

Најмногу се плашел за семејството.

„Што сè немаше во пораките. Го споменуваа моето семејство. И ми беше многу страв. Постојано размислував за нив, најмногу дали се безбедни. Се плашев дека некој може да и направи нешто“, посочува Кабалеро.

После киксот, тогашниот селектор Хорге Сампаоли го зацементира на клупата, а Франко Армани доби шанса да брани, но Аргентина застана до осминафиналето и повторно посрамена се врати дома, иако беше меѓу фаворитите за трофејот.