ФИФА нема да им прости на Џака и Шаќири: За „летањето орли“ можна суспензија од два меча?

Светската фудбалска федерација (ФИФА) нема да им прости на швајцарските репрезентативци со албанско потекло, Гранит Џака и Џердан Шаќири, за нивните провокации по постигнатите голови со Србија, кога прославуваа „летајќи орли“ во трумфот со 2-1.

ФИФА објави дека започнала дисциплинска постапка против двајцата фудбалери, а информацијата ја објави швајцарскиот новинар Андреас Бени, кој работи за весникот „Блик“.

„Официјално: ФИФА започна постапка против Џака и Шаќири поради прославата на головите со двоглавиот орел“, објави Бени.

ФИФА објави дека покрената е дисциплинска постапка против Србија за однесувањето на навивачите и истакнување на пароли со политичка содржина, а се истражуваат и изјавите на селекторот Младен Крстаиќ за неговите изјави по мечот, кога српскиот селектор рече дека „на двајцата (Џака и Шаќири – н.з.) не би им дал жолт или црвен картон, туку би ги пратил во Хаг“.

Сега се очекува дисциплинската комисија да одлучи каква казна ќе добијат двајцата Швајцарци и дали тие ќе бидат можеби суспендирани за мечот со Костарика или пак ќе минат со парична казна. Англиски медиуми вечерва објавија дека казната може да биде и два меча суспензија поради политички провокации.

Инаку швајцарските медиуми ја осудија постапката на фудбалерите, посочувајќи дека тие го прекршиле ветувањето дадено пред четири години дека нема да слават на ваков начин и дека сето тоа било непотребо зaтоа што ризикуваат казна од ФИФА.