ФИФА ќе ограничува број на фудбалери, број на одиграни мечеви...?!

Првиот човек на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино гласно почна да ги објавува размислувањата на светската централа околу подобрувањата на фудбалската игра, посебно откако актуелната пандемија со коронавирус доведе до толку згуснат и напорен календар, кој едноставно е неподнослив за фудбалерите.

Од поодамна, уште пред оваа корона-криза, Светското здружение на фудбалери (ФИФПро) бара да се смени календарот и фудбалерите да добијат повеќе време за одмор, но наместо намалување на бројот на мечеви, тие дополнително се зголемија, прво со воведувањето на уште едно репрезентативно натпреварување (Лигата на нации) покрај квалификациите, Европското и Светското првенство, а наскоро и со реформираната ЛШ, која ќе донесе далеку повеќе мечеви, а бројот на средби во националните првенства и куповите останува ист

Сега Инфантино гласно размислува, а тоа е најава дека во ФИФА и одделот за развој на чие чело е легендарниот Арсен Венгер да се направи модел во кој ќе има низа ограничувања, а меѓу нив и подобрен финансиски фер-плеј, ограничувања за плати, трансфери, провизии... Сѐ што може да донесе нова фудбалска револуција, како кај големите, така кај менаџерите.

„Мислам дека дојде време да разговараме за ограничувања на бројот на фудбалери во еден клуб, обврска за секој клуб да има конкретен број на играчи кои проникнале во тој клуб. Можеби, треба да размислуваме и за максимален број на мечеви кои најголемите фудбалери би можеле да ги одиграат во една сезона. Мислам дека дојде време за сериозни промени, за сериозно прегледување на документите за финансискиот фер-плеј, за иснаоѓање на подобри формули во иднина. Мора сериозно да дискутираме за ограничувања на платите, за ограничувања на трансферите, за ограничувања на провизиите за менаџери...“, вели Инфантино.

Останува да се види што од сево ова што гласно го зборува Инфантино, а за дел веќе се започнати сериозни промени (за провизиите за менаџерите), а за дел од поодама веќе има размислувања (ограничени плати, трансфери...) ќе се оствари во следниот период.