ФИФА ги помести мундијалските баражи – наместо во март 2022 ќе се играат во јуни!

Светската фудбалска федерација (ФИФА) направи ревизија на календарот за меѓународни мечеви во периодот 2020-2022, според кој направи битна промена околу мундијалските баражи кои првично беа предвидени да се играат во март 2022 година, но сега се предвидени за во јуни, пет месеци пред стартот на Мундијалот во Катар.

Поради пандемијата со коронавирус која жестоко го погоди светот, па на три месеци ги прекина сите фудбалски активности, ФИФА во новиот календар го остави септемврискиот циклус за репрезентативни мечеви само за Европа и Јужна Америка, но под постојан мониторнинг во зависност од развојот со епидемиолошката слика на овие два континенти, додека за по еден ден ги прошири термините за мечеви за октомври и ноември, што е особено важно за УЕФА за да може во еден месец да се играат по три мечеви.

Македонија на 8 октомври ја очекува историската пресметка со Косово, а на 12 ноември евентуалното финале, додека од септември до ноември во по два термини ќе треба да ги одигра мечевите од групната фаза во Ц-дивизијата во Лигата на нации со Грузија, Ерменија и Естонија.

Исто така јунскиот термин во 2021 година за Азија, Африка, Северна и Средна Америка и Океанија е продолжен терминот за репрезентации на седум дена за да може да се играат до четири меча. Во овој јунски термин во Европа догодина ќе се игра Евро 2020 кое беше одложено, додека мундијалките квалификации ќе се играат во март, септември, октомври и ноември, а во два од четирите ќе има по три меча, кои после ждрепката со распоред ќе ги утврди УЕФА.