Македонија има фудбалски печалбар и во – Саудиска Арабија

Поранешниот македонски младински репрезентативец Влатко Дробаров замина на печалба во Саудиска Арабија, откако потпиша договор со Оход, клуб од Медина.

За Дробаров овој саудиски клуб е негов четврти интернационален, а втор на друг континент надвор од Европа. Поранешниот фудбалер на Вардар играше во мексикански Мурсиелагос во 2013 и 2014 година, а откако мина сезона ипол во Банантс од Ерменија и нецела сезона во кипарски Арис, сега има поинаков предизвик да настапува на Средниот Исток.

Арапскиот свет посебно во оваа година го освојуваат Македонците, затоа што двајца играат во Либан и тоа Јасмин Мециновиќ и Дарко Мицевски.

И овие двајца, како Дробаров, се бивши младински репрезентативци, а се членови на Неџмех од Бејрут. Во Иран и тоа во Естеглал игра Бојан Најденов, а во Обединетите Арапски Емирати тренер е поранешниот македонски селектор Ѓоко Хаџиевски, кој е на чекор да ја спаси Ал Дафра од испаѓање.

Меѓу егзотичните фудбалски земји за македонските печалбари е и Индија, каде што трансфер неодамна направи Христијан Денковски, бившиот фудбалер на Горонинген, Вардар и Работнички, а беше дел и од „златната младинска селекција“ на Македонија која лани играше на ЕП во Полска.

Инаку, Дробаров е поранешен фудбалер на Вардар, Тетекс, Скопје и Напредок Кичево. Има девет настапи за селекцијата до 19 години, а пет настапи за младата селекција до 21 година.