Дресот на Пеле со кој ја заврши кариерата продаден за 30.000 евра!

Дресот со кој најголемата бразилска легенда Едсон Арантес до Насименто Пеле ја заврши фудбалската кариера, со прошталниот меч во јули 1971 година против поранешна Југославија е продаден на аукција за 30.000 евра.

Аукцијата се одржа во Торино, на која се најдоа низа вредни парчиња од спортска меморабилија, а убедливо највисока цена достигна десеткара на бразилскиот велемајстор, која последен пат ја носеше на 18 јули 1971 година, само една година откако во Мексико ја освои третата светска титула со „кариоките“.

Мечот се играше на култната „Маракана“ во Рио де Жанеиро пред скоро 140.000 гледачи, а мечот со Југославија заврши 2-2.

Зад дресот на Пеле, втор кој достигна неверојатно висока цена е дресот на поранешниот италијански велосипедист Фаусто Копи од „Тур Д'Франс“ во 1952 година, кој беше продаден за 25.000 евра.

Дресот на легендарниот Лучано Спиноза за Јувентус од финалето на Купот на саемските градови во 1971 година беше продаден за 9.400 евра, додека за десетката на Диего Марадона од Наполи од сезоната 1989/90 беше продаден за 7.500 евра.