Денеска е денот кога Роналдињо го изведе „оној“ слободен удар на СП 2002! (ВИДЕО)

На Светските првенства биле постигнувани многу убави голови, некои од нив и неоправдано заборавени, но некои, едноставно, се заковани во свеста и сеќавањата како легендарни. Еден таков постигна Роналдињо.

Ако не сте од најмладата генерација и ако убаво се сеќавате на СП во 2002 година, во Јапонија и Кореја, тогаш не треба долго да ви се објаснува кој е оној гол кој го постигна Роналдињо. Играа Бразил и Англија во четвртфиналето од СП, а резултатот беше 1-1 по првиот дел. Прво погоди Мајкл Овен, а потоа Ривалдо во судиското продолжение.

Само што почна вториот дел се случи целосен пресврт. Роналдињо доби слободен удар од позиција од која тешко се постигнува гол и почесто се центрира. Меѓутоа, тој забележа дека Дејвид Симан е подизлезен и хируршки прецизно ја испрати топката во аголот зад неговиот грб.

Тоа беше победничкиот гол со кој Бразил се пласира во полуфинале, а потоа и стана светски шампион. Ова беше единствениот погодок на Роналдињо на ова СП, но беше доволно за да се врежи во историјата и да му се претстави на светот. Тогаш уште како фудбалер на ПСЖ, на свои 22 години, се препорача себеси на Барселона во која замина следното лето и почна една нова ера, која уште трае во Каталонија.