Давид Бабунски раскина со Јокохама

Повремениот македонски репрезентативец Давид Банунски повеќе не е фудбалер на Јокохама, откако двете страни заеднички се договорија да ја прекинат соработката. 

Фудбалерот од средниот ред одигра една цела сезона во јапонскиот тим, а во втората беше најчесто надвор од тимот. Тој собра вкупно 38 натпревари за Јокохама во Џеј-лигата, Купот на Џеј-лигата и Купот на императорот, а притоа постигна три гола и пет асистенции.

„За жал моето време во Јокохама заврши. Мислев дека исходот ќе биде поинаков, но таков е животот на префесионалците. Многу сум му благодарен на клубот што ми даде шанса да играм во една земја како Јапонија. Им благодарам на сите навивачи, кои уживаа во сите мои натпревари одиграни во дресот на 'триколорите' и кои ме бодреа постојано. Никогаш нема да ги заборавам. Им се заблагодарувам на сите мои досегашни тренери, соиграчи, од кои научив многу, преведувачите, медицинскиот тим и сите кои се во клубот Маринос. Навистина сум благодарен. Искрено се молам за среќа на клубот во оваа сезона и во иднина“, напиша Бабунски на својот „Инстаграм“ профил.

Бабунски во својата кариера играше за Барселона Б и за екипата на Црвена Звезда. Сега останува да видиме 24-годишниот фудбалер, каде ќе го продолжи фудбалскиот пат.