„Да суди Германец на Швајцарија е исто како на Србија да ѝ суди – Црногорец“

Србија наивно загуби од Швајцарија со 1-2 и практично се најде пред елиминација од Светското првенство во Русија, затоа што на „орлите“ сега ќе им треба херојска победа против петкратниот светски првак Бразил за да го обезбедат пласманот во осминафиналето.

По поразот кој двојно ги боли северните соседи, затоа што загубија во финишот од мечот, па уште двајца Албанци им пресудија и ги налутија со „летањето орли“, најмногу незадоволство кај српските фудбалери има од судењето на Германецот, Феликс Брих.

„Луѓето од ФИФА мора да бидат незадоволни од тоа што вечерва го видоа. Исто е како да ни стават на нас судија Црногорец да ни дели правда. Јас не можам да верувам дека Германец може да ѝ суди на Швацарија. Цело време зборуваа на германски, јас ги молев да зборуваат на англиски, затоа што не сме во Германија. Башка, чист пенал имаше над Митровиќ и стварно не знам што работи ВАР. Што прават 15 луѓе таму? А Брих ми вика, го спасив Матиќ од втор жолт во 90 минута“, објаснува Александар Коларов, левиот бек на српската репрезентација.

Фудбалерот на Рома кој беше херој со голот против Костарика не престана да го напаѓа Брих.

„На него (Брих – н.з.) му одговараше да биде 1-1, тоа ви го тврдам како капитен. На 1-0, во 30 минута, нашите тројца фудбалери за врска добиваат жолт картон за пола фаул. Првиот старт на Лихштајнер врз мене, влегува директно во мене, а тој не суди ни прекршок. Ова не е алиби за поразот, затоа што Швајцарија е врвна екипа, заслужено победија, ги казнија нашите грешки. Ама ова е СП, а судењето на ова СП е... Јас сум потполно разочаран“, додаде Коларов.