Циркузи: Џибути бара селектор - кој сака на клупа прво ќе даде 200 долари за да се пријави!

Во последно време многу модерен тренд во голем број на земји е кога се бара селектор да се распише конкурс, па да се пријавуваат заинтересираните, по што стручна служба избира неколкумина потенцијални и почнува разговори, ама никаде на свет нема за некој да се пријави за селекторска позиција да плати такса кон федерацијата и тоа од дури – 200 долари.

Човек да се зачуди што сѐ нема да се појави во светскиот фудбал, а во случајов во Африка, но смешното е што оваа лудорија ја измислија во Џибути, земја која фудбалски е „шеста класа“. Да е Египет, Камерун, Гана, Мароко, Јужна Африка, односно земји од африканскиот крем кои играат на Светски првенства, освојуваат континентални круни, да е разбирлив потегот за да се сиклучат „секаквите тренерски имиња“, ама за Џибути, 192-та земја на светската ранг-листа на ФИФА...

Изгледа некој во федерацијата си нашол начин како да се офајди, зашто во конкурсот кој е јавно објавен, парите се наменети како „трошоци за анализа на тренерското досие (си-ви).

Кандидатите да бараат виза за Америка – поевтино ќе поминат! Макар биле одбиени.

Прашање е дали воопшто некој и ќе им се нафати, ама очигледно е дека Африканскиот фудбал е – жив циркус.