Чеде Јаневски се враќа на клупата – ќе биде тренер во Египет!

Поранешниот макеоднски селектор и бивш кормилар на Вардар, Чедомир Јаневски е нов тренер на египетски Исмаили, откако вечерва овој клуб официјално го промовираше за нов тренер на клубот.

Јаневски беше без работа, откако во април годинава беше сменет во Вардар и неговото место го презема тогашниот директор на школата Бобан Бабунски. Јаневски сега, по повеќе од шест месеци, повторно ќе работи во странство, овојпат ќе го спасува Исмаили, кој е убедливо последен во египетската лига.

Македонскиот стратег потпиша едно ипол годишен договор со египетскиот клуб, па сега Јаневски има сериозна задача за да го спасува овој тим од испаѓање. Јаневски покрај во Вардар, досега во кариерата беше тренер и во Беверен, Мускрон, Монс (Белгија), Енозис и Етникос Ахна (Кипар), Црвена Звезда (Србија), а како помошник работеше во Бриж, Олимпијакос и Гент.

Тој е макеоднска фудбалска легенда, член на првата генерација на репрезентацијата, која годинава прослави 25 години од првиот меч во Крањ, а беше дел од златната генерација на Вардар, која во 1987 година ја освои титулата во СФРЈ. Како тренер на Вардар го однесе најпознатиот македонски клуб во групната фаза во Лига Европа.