Чеде Јаневски ќе му биде десна рака на новиот селектор на Јужна Африка

Поранешниот македонски селектор Чедомир Јаневски ќе му биде прв помошник на новиот селектор на Јужна Африка, Хуго Брос, кој неодамна седна на клупата на „Бафана Бафана“ и потпиша петгодишен договор со земјата која беше домаќин на Светското првенство во 2010 година.

Јаневски моментно е тренер на кипарски Олимпијакос од Никозија, клуб кој го презема зимоска и успеа за првпат во историјата да го однесе во плејофот за титула, а и во финалето на Купот на Кипар, а инаку легендарниот фудбалер на Вардар од шампионската генерација во 1987 и дел од првата македонска репрезентација, беше тренер на Вардар и ги однесе црвенп-црните до историски прв настап во Лига Европа.

„Мојот белгиски асистент ќе ми биде Чедомир Јаневски, кој моментно не е тука, сѐ уште е на Кипар, а таму ќе биде зашто идната недела го очекува финалето во Купот. Јаневски е од Македонија, но 35 години е во Белгија, играше во Белгија во Бриж, знае три јазици – англиски, француски, холандски и нема да има никаков проблем во комуникацијата“, рече Брос.

Македонската легенда кој беше трнер на низа клубови во Белгија, беше тренер на белградска Црвена Звезда, помошник во Олимпијакос, тренер на Енозис, Етникос и сега Олимпијакос во Кипар, работеше и на „црниот континент“ како прв тренер на египетски Исмаили од декември 2018 до април 2019 година.