„Цело семејство Ѓуровски сега се тренери, Пандев е најдобриот со кого сум играл“

Поранешниот македонски репрезентативец Марио Ѓуровски ја продолжи лозата на славното семејство Ѓуровски, па влезе во тренерските води откако пред неколку дена и тој стана тренер и беше наименуван за кормилар на својот поранешен клуб Муантгонг јунајтед, со кој во фудбалската кариера стана шампион на Тајланд.

По чичко му Бошко и татко му Милко, Марио сега влегува во тренерските води и тоа неполна година откако ја заврши кариерата после серија на повреди и проблеми со колкот, проблемите со мускулите и зглобот на левата нога, па четири месеци откако „го печеше занаетот“ во младинскиот погон на тајландскиот клуб, сега доаѓа да биде прв тренер на екс-тајландскиот првак.

„„Неверојатно чувство, само што заршив со играњето фудбал – веднаш тренер! И тоа на Муангтонг. Ова е голема шанса и големо признание. Некако се снајдов како тренер на младинците, навистина децата добро играа, не би сакал ни да се фалам, па сега дојде ова. Сепак, тоа е некое мерило што сум направил и зошто сум тука каде што сум. Ќе играме офанзивно, јас го сакам тој стил, тоа е моја философија, ама ќе треба и да ја мазиме топката за таа да ни ја врати љубовта“, вели Ѓуровски во интервју за регионалниот „Спортклуб“.

Неговиот татко Милко е југословенска легенда и екс-југословенски и македонски репрезентативец, кој ја тресеше СФРЈ кога направи трансфер од Црвена Звезда во Партизан во 80-те години. За разлика од феноменалната фудбалска кариера, тренерската не му е баш врвна иако работеше во дузина клубови, меѓу кои и во Вардар. Чичко му Бошко е жива легенда на Ц. Звезда, екс-тренер на белградскиот великан, екс-селектор на Македонија... А, и брат му Марко влезе во тренерските води, има А-лиценца, па сега Марио е последен во низата. Буквално цело семејство сега се тренери.

„Син на Милко, Бошко ми е чичко. Не можев да се одлепам од тоа и тоа е во ред. Татко ми и чичко ми беа врвни фудбалери, нивниот фудбалски опус е извонреден. Сега се тренери, а и јас отидов во тренери. Брат ми Марко доби А-лиценца. Сите станавме тренери. Нека му ја мислат ривалите...“, додава Марио.

Бившиот македонски репрезентативец не заборави да посочи кој најмногу имал влијание во неговата кариера од Славиша Јокановиќ, кој го тренираше во Муангтонг, преку Мирсад Јонуз и Џон Тошак, кога му беа селектори во Македонија и пред сè Горан Пандев, како фудбалски мајстор и најдобар фудбалер со кого играл во кариерата

„Славиша Јокановиќ – велемајстор, огромен човек. Ми се налути кога го соблеков шорцот, па го ставив на глава и бев исклучен. Со мене зборуваше само формално и ми беше толку тешко. Ме болеше и само го чекав денот кога ќе се смириме и се случи тоа, мислам дека немаше посреќен човек од мене. Ми беше чест да соработувам со него, привилејгија. Еден од моите најголеми впечатоци од кариерата. Потоа Македонија, прв ме повика Мирсад Јонуз, ми даде шанса и му должам голема благодарност, како и на Џон Тошак, кој веруваше во мене и кога не играв за Металург Доњецк. Не смеам да го заборавам Горан Пандев, фудбалски мајстор, најдобар со кого сум играл во еден тим...“, потенцира Ѓуровски.