Бразилски пратеник започна постапка да се забрани ВАР во Рио де Жанеиро!

Бразилскиот политичар Антонио де Асеведо, член на локалниот парламент на Рио де Жанеиро, започнал постапка за да се донесе забрана за користење на видео-технологијата (ВАР) на мечевите во оваа федералната држава во Бразил кога играт Фламенго, Ботафого, Флуминенсе и Васко де Гама, големата четворка од овој град.

Политичарот веќе испратил предлог за забрана на ВАР до парламентот и очекува поддршка од своите колеги за да се стави крај на видео-технологијата со која го убива уживањето на гледачите и навивачите во најфудбалската земја на светот.

„Фудбалот носи радост и задоволство, а ВАР сето тоа го уништува. Ја уништува комплетно забавата“, рекол де Асевдо, познат под славен прекар Зико, како легендарниот бразилски плејмејкер од 80-те години, кој беше посочуван и како „белиот Пеле“ во земјата.

„Тоа што се случува со ВАР е смешно. Нема ништо со вистинскиот, природниот фудбал. Чекаме да видиме дали ќе поништат гол или ќе признаат. И потоа нема емоии“, додава тој.

Тој посочил дека забраната за употреба на ВАР во Рио де Жанеиро е чисто негов проект и дека немал ниту контакти, ниту поддршка од клубовите од големата четворка, туку парламентарецот ги застапува многубројните навивачи.

„Дали е нормално, кога по завршување на мечот, никој не зборува за 90-минутната претстава, туку сите зборуваат за ВАР?“, додава „Зико“.

Останува нејасно ако овој предлог помине, дали сите останати бразилски држави ќе тргнат по истиот чекор, па практично во најфудбалската земја на светот, ВАР буквално ќе биде исфрлен од употреба.