Бока остана без тренер: Мартинез поднесе оставка по новиот дебакл

Иако се очекуваше тоа да го направи минатата недела по поразот во дербито со Ривер Плејт, Диего Мартинез ноќеска поднесе оставка од тренерската функција во Бока Јуниорс.

Чашата ја прели поразот на гостувањето кај Белграно по што Бока падна на 12. позиција во аргентинското првенство со можност дополнително да потоне бидејќи уште четири екипи можат да ја поминат, а денеска треба да ги играат своите натпревари. Со тоа се загубени сите шанси за титула бидејќи на половина од првенството, Бока Јуниорс има 12 бода помалку од лидерот Велез, со натпревар повеќе.

„Поднесов оставка откако разговарав со управата, а потоа и со играчите. Им благодарам на клубот и претседателот што ми укажаа доверба, верувам дека во овој момент, покрај чувството дека сите сме виновни, најдобро е да ја напуштам позицијата и момците да го преживеат овој момент. Се извинувам и благодарам за она што ми го дадоа момците во овие девет месеци“, изјави Мартинез на прес-конференцијата.

Бока има катастрофален ефект на гостувањата оваа сезона бидејќи од десет меча доживеа девет порази.