Поранешен вардарец го засили најдобриот клуб во Казахстан!

Еден од вардаровите херои од историската 2017 година, ерменскиот репрезентативец Тигран Барсегјан, кој лани тивко си замина од Скопје во хаотичниот период поради финансиаката криза на најтрофејниот македонски клуб стигна до трансфер во најдобриот и најдоминантниот клуб во Казахстан – Астана.

Барсегјан од вчера е нов фудбалер на учесникот во Лига Европа сезонава, а шесткратен првак на Казахстан во низа. Ерменецот потпиша двегодишен договор со Астана, клуб кој веќе има настапи во групната фаза во Лигата на шампионите (2015/16) и четирипати во низа во групите во Лига Европа (2016/17, 2017/18, 2018/19, 2019/20).

„Ерменскиот бик“ замина без отштета од Вардар во Каисар, каде играше во минатата сезона, но многу брзо го сврте вниманието кон себе од најголемиот клуб во Казахстан поради својата борбеност, па експресно дошол повикот да ги засили редовите на првакот.

„Минатата сезона играв во Каисар и веројатно тоа што го одиграв ги задоволило луѓето во Астана. Кога добив понуда, се консултирав со семејството и брзо донесов одлука. Јас ќе го дадам најдоброто за да ги оправдам очекувањата и би сакал да успееме да играме во ЛШ или Лига Европа. Тоа ќе биде многу важно за мене и за тимот, а јас се надевам дека и со голови ќе помогнам за да победуваме“, вели Барсегјан.