Бекам подготвува страшни бомби: Меси и Роналдо во тандем доаѓаат во Интер Мајами?

Англиската легенда Дејвид Бекам, сопственикот на американски Интер Мајами, подготвува две трансфер бомби кои ќе го стресат комплетниот светски фудбал и Англичанецот ќе направи нешто што никој досега не успеал – да ги спои двата најдобри фудбалери на денешницата во еден тим.

Според информации кои се појавија во моментов, Бекам планира на Флорида да ги донесе Лионел Меси, ѕвездата на Барселона и Кристијано Роналдо, ѕвездата на Јувентус и екс-фудбалер на Манчестер јунајтед и Реал Мадрид. Во план му било веќе од лето да го има најдобриот двоец кои повеќе од една деценија владее во светскиот фудбал, наизменично менувајќи се при освојувањето на индивидуалните награди во изминатава деценија.

Засега е неизвесно каде ќе ја продолжи кариерата Меси, но САД станува многу реална десцинација, зашто Аргентинецот имал желба да оди преку Атлантикот, а според шпански медиуми тој е лут што се прави атмосфера во последно време дека сѐ е договорено за негово заминување во ПСЖ, додека ужасните резултати на Барселона посебно во ЛШ (дебаклот со 1-4 во првиот меч со парижаните во осминафиналето) уште еднаш му потврдиле дека тешко дека Каталонците набрзо ќе имаат тим за големи цели, особено што клубот е во џиновски долг од една милијарда евра.

Роналдо ја игра претпоследната сезона, но веќе кружат гласини дека можно е да го раскине договорот една година порано со Јувентус, најмногу и поради фактот што „старата дама“ има загуба од над 100 милиони евра само во полусезонава до јануари, а 30-те милиони евра годишно се преголемо оптоварување за клубот во овој период.

Дека Бекам ја има желбата да ги донесе Меси и Роналдо, потврди и самиот, но дали летоска ќе успее во такво нешто – ќе покаже времето.

„Навивачите сакаат да ги гледаат најголемите ѕвезди, ние моментно ги имаме Игуаин и Матуиди, ама во иднина сакаме да ги привлечеме баш тие најдобрите. Некој ги спомена Лео и Кристијано. Сигурно е дека се најдобрите двајца во последните 15 години, а ние ги сакаме најдобрите. Ги сакаме тука, Мајами сигурно е многу привлечно место за сите, па и за нив“, вели Бекам.