Англичаните збудалеа по женски фудбал: Продадени 65.000 билети во само еден ден!

Еуфоријата околу женскиот фудбал во Англија не престанува ни денови по финалето од Европското првенство (ЕП) во оваа земја, во кое беше совладана Германија (2-1),што најдобро се гледа по продажбата на 65.000 билети за пријателски меч и тоа во само – еден ден.

Станува збор за пресметката помеѓу европскиот првак и светскиот шампион САД, закажана за 7 октомври на „Вембли“, која предизвика огромен интерес во јавноста.

„Вие сте неверојатни, веќе се продадени 65.000 билети за нашиот октомвриски натпревар против САД“, пишува на Твитер-профилот на женската репрезентација на Англија.

Интернет-страницата преку која се продаваа билети во вторникот накратко падна поради преголема оптовареност. Ваквиот интерес и не е изненадувачки, бидејќи неодамнешното големо финале на ЕП го следеа 87.192 навивачи, што е најдобра посетеност во историјата на европските првенства во машка и во женска конкуренција.