„Не знаев како да им кажам дома дека ќе играм фудбал меѓу ѕидови“

Македонецот Влатко Андоновски пред три месеци стана селектор на најдобрата женска репрезентација на светот, седнувајќи на кормилото на САД како наследник на Џил Елис, па после победничкото деби на пријателските средби пред крајот на 2019 година, сега го има првиот сериозен предизвик да обезбеди олимписка виза за Токио, а потоа да го нападне златот на Летните Олимписки игри.

Андоновски за американските медиуми откри воопшто не размислувал дека од нормален фудбалер ќе стане футсалец, а уште помалку дека ќе стане тренер во женски фудбал, откако во 2001 година се пресели во САД. Андоновски е поранешен македонски младински репрезентативец, дете на Вардар, кој играше и за Скопје, Работнички пред да замине преку „барата“. Македонецот сега потенцира дека „се плашел“ како во фудбалското семејство да им каже дека ќе оди во САД да игра – фудбал во сала.

Дошол на повик на својот другар Дино Делевски, кој му рекол да му се придружи во футсал тимот Вичита Вингс, ама првиот обид за убедување бил неуспешен.

„Мојата кариера беше добра, среќен бев како се развива и потоа следеше момент: 'како да им кажам дома дека ќе играм фудбал меѓу ѕидови (во сала – н.з.)'. Ќе помислат дека сум луд. Па на Дино му реков дека не можам тоа да го сторам“, се присеќа Андоновски.

Но, една недела подоцна, неговиот другар повторно го повикал, сега многу поубедлив зошто да ја прифати поканата, а Андоновски вели никогаш не ни чул за „фудбал меѓу ѕидови“.

„Ме побара повторно, па ми вели: 'Сè ќе оди преку тебе, ти организираш, ти си како тренер на теренот'. И тоа некако ми делуваше возбудливо. Му реков: 'Добро, ќе разговарам со семејството'. И искрено беа многу поддржувачки настроени, ама тоа со ѕидовите не можеа да го сфатат“, додава Андоновски.

Тоа што воопшто не сонувал дека ќе го оствари, му донел поинаков пат. Во 2001 година се преселил во САД, а таму видел нешто што во Македонија во тој период го немало. Во Македонија фудбалот беше машки спорт, а неговата мајка Дона никогаш не ни отишла да го гледа својот син на фудбалски меч. А, најмалку дека девојчиња ќе играат фудбал

„Се сеќавам дека застанав, имаше некој младински меч помеѓу девојчиња. И беше толку фасцинантно. Тие беа толку добри, навистина добри“, потенцира Андоновски.

Во тој момент, со него бил Делевски, а заедно требале да одат на футсал мечот на кој тебало да игра Дино.

„Ти дојде девојчињава да ги гледаш или мене“, се присеќа Андоновски на зборовите на Делевски.

„Треба да ги викнете девојчињава во вашиот тим, тие се толку добри“, му одговорил во шега.

Андоновски по тие воведни сцени после кариерата во Вичита се префрли на женскиот фудбал, а беше еден од првите тренери во женската професионална лига (НВСЛ), а преку Канзас Сити и Сиетил Реинс, по две шампионски титули, стигна до селекторската функција во најтрофејната нација во женски фудбал.

„Не мислам дека баш тој момент (кога ги загледал девојчињата како играт фудбал – н.з.) беше пресудно да влезам во женскиот фудбал, но некако се случи да се префрлам од страната на девојчињата и многу ми е мило што ми се допадна сето тоа“, додава Андоновски.