Американци сакаат да ја искористат кризата во Барселона: Меси веќе добил понуда!

Најдобриот фудбалер на светот, Лионел Меси е крајно разочаран и незадоволен во каталонската гордост после хаосот што се случи во изминатиов месец, прво со коментарите на спортскиот директор Ерик Абидал, а потоа и со аферата на првиот човек Жозеп Марија Бартомеу околу исплата на „пи-ар“-агенции за да се напаѓаат ѕвездите на Каталонците.

Откако избувна хаосот на „Камп Ноу“, англиските медиуми се распишаа околу можноста Меси да замине од Барса и да се пресели во Премиерлигата, но сега наводно прв во обид да ја искористи ситуацијата тргнал американски ЛА Галакси.

Радио „Континентал“, како што пренесе ЕСПН, објави дека менаџерот на Галакси, Гилјермо Барос Скелото веќе го контактирал таткото на Меси, Хорхе и се распрашувал за евентуалниот трансфер и личните услови на Аргентинецот, особено што Меси може во секој момент да ја активира клаузулата од актуелниот договор и без отштета да си оди од „Камп Ноу“.

За ЛА Галакси не е проблем да се исполнат финансиските барања на Меси, кога веќе бесплатно би го добиле, но прашање е дали Аргентинецот ќе сака да замине преку Атлантикот, зашто досега неколкупати објави дека осве во Барселона, би сакал да ја заврши кариерата во Њувилс Олд Бојс, во родната Аргентина.

Тој првите чекори ги направи во Њувилс, а потоа како 12-годишно дете дојде во Барселона и целата кариера засега ја минува во Каталонија.