Алиоски наскоро би можел да остане без тренер: Шпански клуб го контактирал „Лудакот“!

Искусниот аргентински стручњак, Марсело Биелса, пристигна на клупата на Лидс летото 2018 година и оттогаш се обидува да го врати тимот од „Еланд Роуд“ во елитата.

Тимот за кој настапува македонскиот репрезентативец Езгијан Алиоски повторно е на врвот на табелата во Чемпионшип, во моментов има позиција која му гарантира директна промоција, но Биелса, дури и ако „Пауните“ изборат повисок пласман, можеби нема да ја види Премиер лигата.

Поточно, денес се појави информација дека шпанскиот клуб Бетис е заинтересиран за Биелса, кој во светот на фудбалот важи за ексцентрик и тренер познат по необични методи на работа и комуникација. Договорот на „Лудакот“ со Лидс истекува во текот на летото, а доколку тимот повторно извиси и не обезбеди пласман во Премиер, веројатно нема да има продолжување на соработката, што би било одлична вест за Бетис. Инаку, некои медиуми пишуваат дека бил остварен и контакт меѓу претставници на Бетис и Аргентинецот.

Биелса веќе имаше шанса да работи во шпанската елита, а некогаш ги тренираше Еспањол и Атлетик Билбао, а наводно бил отворен за враќање во Шпанија.