Адвокатот на Марадона сведочеше на суд: Го оставија Диего беспомошен да се мачи и да умре!

Адвокатот на аргентинската легенда Диего Марадона, кој пред неполна година почина од срцев удар, излезе на суд за да сведочи во постапката за утврдување на фактите околу мистериозната смрт, во која главниот лекар, медицински персонал се товарат со обвинение за небрежност.

Матијас Морла пред судот ја запрепасти целата аргентинска јавност откривајќи дека никој не бил заинтересиран за здравјето за еден од најголемите фудбалери на сите времиња, па практично од лекарите до семејството, сите го оставиле Диего да умре сам и беспомошен.

„Сето ова беше една голема глупост, зашто прво препорака на лекарите беше дека Диего не смее да ја напушти клиниката после операцијата, а второ зашто куќата која беше на располагање за рехабилитација во Ла Плата беше празна, а тој заврши во сосема некоја друга во Тигре. Никако не смееше да ја напушти болницата, ако лекарите така рекле, но... Јас не се согласував да оди во друга куќа, тоа и му го кажав“, вели Морла

Адвокатот на Марадона посочува дека Марадона со парите што ги имал можел да плати три куќи за рехабилитација и еден куп лекари да се грижат за него, а наместо тоа останал сам, без помош, оставен сам на себе.

„Почнаа да му покажуваат разни куќи, а моја работа беше само да ги донесам парите и сето тоа да се плати. Со парите што Диего ги имаше, можеше три куќи да плати и три доктори по цел ден да внимаваат на него. А, тој заврши во куќата сам и напуштен. Тоа сѐ беа катастрофални грешки. Срцето му експлодира, за жал, зашто беше оставен сам и незаштитен, да се мачи и да умре“, додава Морла.

Тој освен главниот лекар Леополдо Луке ги обвини и ќерките на Диего, Далма и Џанина дека се одговорни за страдањето на легендарниот фудбалер зашто го земале од болница, каде морал да остане.

„Мене ми се јави директорот на клиниката за да ми каже дека разговарал со ќерките, кои му рекле дека јас сум проблемот и дека се противам да го пуштат од болница. Јас само му посочив дека не сум Дракула и дека е подобро Диего да остане на лечење во болница, ако лекарите така рекле. Несомнено е дека одредени лекари се виновни зашто Диего сега е мртов. Открив дека сѐ било погрешно, дека невохирургот кој го оперирал претходно, леополдо Луке, не бил ни известен за состојбата на својот пациент и дека дури не ни можел да го види“, додава адвокатот.

Луке го оперираше Марадона еден месец пред смртта, откако легендата беше итно хоспитализиран поради хематом на главата. Морла, пак, посочи дека последен пат го видел Диего на 16 ноември, неколку денови пред смртта.

„Ми делуваше свесно, а пред да заминам му реков: 'се гледаме Диего'. Го поздравив, а тој ми ја зграпчи раката и ме повлече кон себе, па само ми рече: 'те сакам'. Тогаш последен пат го видов и потоа се случи тоа што се случи“, заврши Морла.