„Зрели сме за ЕП! Во Грузија нè чека меч на животот и психолошки ќе мора да сме - најспремни“

Навивачите на Лидс го нарекоа „Зајчето Дурасел“, зашто неуморно трча километри на секој меч, па дури и во пеколниот ритам со македонската фудбалска репрезентација, Езџјан Алиоски, стандардниот лев бек на нашиот национален тим не пропушти ни секунда од трите меча месецов, па дури и во последните минути на сите тие истрчани километри, остана мирен за да погоди од пенал синоќа проти Грузија за реми 1-1 и останување на првото место во групата во Лигата на нации.

Оваа македонска репрезентација незамислива е без популарниот Џани, поради кого и половина Лидс навива Македонија да игра на Европското првенство догодина низ Европа, а тој за Спорт 1, одговори колку е (пре)тешко да се игра во ваков ритам, колку исцрпувачки беше мечот со Косово, а колку поисцрпувачки ќе биде пресметката со Грузија за неполн месец, како и за тоа од каде толку сила во ваков еден ритам да ги одигра трите меча без мака.

„Пеколен е овој ритам и се гледа дена носи исцрпеност кон играчите, прво зашто имаме три меча во седум дена што е премногу, а второ првпат се случува вакво нешто и првпат се соочуваме со вакво нешто и сите знаеме поради што (проблемите што ги направи ковид-19 – н.з.). Знам дека за многумина други овој период беше напорен, но имаше и играчи како мене кои играле во таков ритам, но за секој секако дека овој ритам е напорен. Ги одиграв сите 90 минути на сите три меча и навистина се чувствувам подготвено, а во тоа најмногу ми помогнаа настапите во Чемпионшип. Три сезони со Лидс, а знаете дека Втората англиска лига е најтешка, има 46 кола во една сезона, каде што вообичаено е ова викенд-среда-викенд и јас сум навикнат на тоа. Сето тоа многу ми помогна, па затоа и за мене не беше ова некој товар што не сум го доживеал во мојата кариера. Три години сум навикнат на тоа“, почнува Алиоски.

Синоќа го даде голот од пенал (втор во циклусов после тој со Ерменија во септември), кога буквално би требало да е на крајот на силите, кога одговорноста и психолошкиот товар дополнително исцрпуваат, после толку истрчани километри, заедно со тренинзи помеѓу и патувања...

„Не дека дадов гол од пенал, туку се чувствувам многу спремен, подготвен и психички и физички стабилен за да изведам и да погодам од пенал. Не е само да земеш да изведеш пенал, треба да се погоди. Ама, небитно е дали Џани го дал голот, најважно е да го донесеш резултатот на репрезентацијата кој што го посакува во тој момент. Јас во тој момент сè почувствував дека јас можам да го направам тоа, бев сигурен и нормално за среќа погодив. Најважно беше да не изгубиме, да останеме на првото место. Секако дека сакавме да победиме, но како се одвиваше мечот, а игравме со играч помалку и бевме во негатива, важно беше што израмнивме на крај и што пак останавме на првото место и по овој циклус и сега го чекаме ноември како лидери“, додава Алиоски.

Кога тргна собирот на македонската фудбалска репрезентација, пресметката со Косово беше главниот фокус, историската шанса да се дојде пред портите на Европското првенство, а на 12 ноември ни доаѓа финалето со Грузија во Тбилиси, со која во изминативе месец дена двапати ремизиравме 1-1 и двапати го доигравме мечот од повеќе од 20-на минути со фудбалер помалку.

„Косово ни беше најважниот меч, најважниот натпревар во историјата на македонскиот фудбал до сега. Никогаш Македонија не била во можност да игра бараж за да дојде до меч кој ќе овозможи настап на Европско првенство. Ние сме во таква ситуација, а овој меч сè очекуваше една година. И тоа влијаеше многу на психички план, не само на други аспекти. Се соочивме и со пандемијата, па двапати нов термин. Сето тоа имаше толку големо влијание, зашто постојано чекаш. Само чекаш, чекаш и никако мечот да дојде, а е многу важен – најважен! Успеавме да одговориме на предизвикот и тоа ми покажува дека навистина сме зрели и кадарни за да го донесеме тоа толку посакван истори успех и пламан на ЕП“, вели Алиоски.

Косово е победено и е минато, Грузија е последната пречка која веројатно ќе донесе уште поголем психолошки товар, зашто влогот е настап на континенталниот шампионат, а клуч на сè е најдобра можна психолошка подготовка.

„Секако, ние ја завршивме само половина од работата. Нè очекува финалето во Грузија, каде ќе биде многу важно да бидеме комплетни, здрави, да бидеме подготвени, но верувајте ми најважен дел од работата е психички да бидеме што е можно поспремни. Синоќа игравме со Грузија, а и пред еден месец и покажавме дека можеме со каков било состав да се носиме со нив и да ги победиме. Секако дека веруваме дека можеме да ги победиме, меѓутоа кога ќе влезеш на еден меч, финале пред сè кое носи ЕП, кој со себе ја носи таа тежина и ако не сме психолошки спремни - те лимитира. Ги лимитира способностите, движењата и се што правиш. Ние мора да бидеме во главата најпрво спремни, да знаеме дека тоа е меч што значи историја, меч кој може да ни го промени животот. Ниту Македонија играла на ЕП, ниту ние од играчите некогаш сме биле на таков европски собир. Имаме доволно време да се подготвиме за сите аспекти, а најважно ќе повторам психички, бидејќи за другиот дел не се ни сомневам дека сме кадарни да одговориме на предизвикот и да дојдеме до резултат кој што ќе ни донесе историја и пласман на Европско“, додава Алиоски.

Македонија месецов го победи најважниот меч, па врза две ремија на кои се спасуваше. Во Естонија од 1-3 до реми 3-3 во последните десет минути, што е голем кикс, и синоќа со Грузија за 1-1 во скоро загубен меч, откако останавме со десетмина и потоа бевме во негатива во последната четвртина од мечот.

„Грузија не е наивна репрезентација, се виде дека дојдоа да победат, меѓутоа мислам дека како се одвиваа работите треба да бидеме задоволни со ремито и со ова прво место кое секако сакаме да го задржиме. Среќен сум што позитивно го завршуваме овој циклус, пред се зашто прво го победивме тој најважен меч со Косово, а после иако можевме повеќе, сепак остануваме први во групата и сме во добра позиција во последните два меча да го зачуваме тоа прво место“, завршува Алиоски.