„Ван Дијк сам треба да реши дали ќе игра на Евро!“

Холанскиот селектор Франк де Бур најави дека е оптимист за најдобриот дефанзивец на „лалињата“ Вирџил Ван Дијк од Ливерпул, дека ќе биде подготвен за настап на Европското првентство летово, а Македонија е последниот противник на бившиот европски првак во групата Ц на континенталниот шампионат.

Ван Дијк во октомври заработи тешка повреда на коленото, па имаше операција на вкрстените лигаменти и сега е во завршен процес на рехабилитација, па засега останува неизвесно дали ќе биде дел од холандската селекција или не, иако менаџерот на „црвените“, Јирген Клоп посочи дека најреално е да се очекува Ван Дијк да се врати во погон на стартот на подготовките за новата сезона, односно дека ќе го прескокне ЕП.

Де Бур во петок ќе го објави проширениот и прелиминарен список за Евро 2021, а до 1 јуни ќе го скрати на 26-те имиња кои ќе ги има на располагање, па објави дека вратата за Ван Дијк останува отворена.

„Вирџил треба сам да реши и да донесе одлука. Сепак станува збор за неговата кариера, за ризиците. Јас само се надевам дека направил огромни чекори во неговата рехабилитација, а сите знаеме колку е тој важен за националниот тим. Можам да замислам дека тој сега е во дилема, но останува на него да реши дали ќе игра на ЕП“, вели Де Бур.

Клоп неодамна изјави дека за Ван Дијк да може да игра на ЕП ќе мора да има вистинска подготовка, а тоа не се само обични тренери туку и „фудбалска подготовка“ низ мечеви.

„Јас нема да го спречувам за ништо, ниту ќе го форсирам. Никој не го форсира, мислам дека ни во Холандија не го форсираат. Но, за да играте на еден турнир, треба да имате добра подготовка, вистински фудбалски тренинг, а тоа значи не една недела пред турнирот, туку многу недели пред него. Не може после 10-11 месеци без тренинг, со една недела тренинзи да играте. Тоа не е можно и не смее да биде можно“, рече Клоп.